
Пикот на грипот не е алармантен, посочуваат лекарите. Иако се полнат матичните ординации, сепак ситуацијата е под контрола. Пациентите се жалат на кашлица, покачена телесна температура, малаксаност, главоболка и слично. Но, и кај децата и кај возрасните нема некој посериозни компликации од грип или заболувања слични на грип.
Според доктор Валентина Митрова, временските услови, повисоките дневни температури придонесоа за ваквта ситуација на терен овој период од годината. Од помош беше и вакцинацијата, додава Митрова.
„Бројките се пониски од она што очекуваме, можеби и надворешните прилики, повисоките температури можеби сето тоа придонесува за помал број на заразени од грип. Релативно поминуваат со лесни симптоми, голем дел од возрасните поминаа полесно бидејќи се вакцинирани.“ – вели Митрова.
Препораките остануваат исти, граѓаните да бидат внимателни и да водат грижа за сопственото здравје. Тоа значи да се консумира полесна храна, доволно течности, но и да не се земаат лекови на сопствена рака без лекар.
„Општите препораки се консумирање лесна храна, одмарање, изолација, и да не земаат лекови на своја рака. Атибиотик на своја рака да не се зема, пробиотик може.“ – вели Митрова.
Дополнително се препорачува пациентите со хронични заболувања навремено да ја примаат својата терапија препишана од лекар, со цел периодот на грип да помине без поголеми компликации.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет