Знамињата во Штип на половина копје, во земјава Ден на жалост за загинатите во земјотресот

Ден на жалост прогласен во земјава како израз на солидарност за последиците од земјотресот во Турција и Сирија. Вчерашната седница на Влада беше започната со оддавање почит за жртвите во земјотресот, а потоа беше донесена одлука 13 февруари да биде прогласен за Ден на жалост, со што Владата изрази длабоко сочувство за загубите до турскиот народ и до блиските на настраданите. Како израз на почит за големиот број загубени жртви предизвикани во катастрофалниот земјотрес во Република Турција и Арапската Република Сирија што се случи на 6 февруари, државното знаме денеска ќе биде истакнато на половина копје, како во државата, така и пред дипломатско-конзуларните претставништва во странство.

Во таа насока и радиодифузерите денес треба соодветно да ја прилагодат програмата и да емитуваат содржини кои по својата медиумска функција одговараат на Ден на жалост. Забавните шоу програми, хумористичните емисии или играна програма од жанрот комедија кои биле планирани за денес, треба да се распределат за други денови во седмицата, а музиката да биде од соодветни музички жанрови. Доколку тоа го дозволуваат веќе склучените договори, препорачливо е да не се емитува рекламирање.

Инаку, во Турција и Сирија, по речиси една недела од разорниот земјотрес со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала, очајничката потрага по преживеани продолжува. На површина од 100 квадратни километри во Турција и Сирија претворени во урнатини билансот на смртни случаи изнесува 33.000. Околу 13 милиони луѓе се директно погодени од катастрофата што се прошири низ област што е поголема од многу европски земји.

Ребека Спасова М-Нет