Левица тврди – Општина Штип одбила над 7.000 садници од компанија, Општината демантира

Штип пропушти над 7.000 садници оти немало локација за истите, па завршија во Кочани, тврди советникот од Левица, Ангеле Михајловски. Според информациите на политичката партија, општествено – одговорна компанија понудила садници и работници, а побарала простор од Општината, од каде биле одбиени со образложение дека нема таква локација во Штип.

„Од тие информации кои ги имаме ние во Левица, знаеме дека во почетокот на месец март голема компанија која работи како странски инвеститор во нашиот град, општествено одговорна компанија, понудила на општинската администрација да се додели локација каде што работниците би можеле да изведат акција на пошумување. Се работи за околу 7.000 или 8.000 садници. Одговорот кој бил даден од страна на Општината бил дека не постои во Штип такво место, дека нема таква локација во Штип каде би можело тоа да се изведе за да после истите тие садници завршат во соседната општина, односно во Кочани. Го кажувам ова и би сакал да бидам демантиран или да имам некакво објаснување од општинската администрација или од кабинетот на градоначалникот“, вели Михајловски.

Михајловски побара демант или образложение, бидејќи како политичка партија сметаат дека не треба да се пропуштаат вакви иницијативи кои Општината не би ја чинеле ништо, освен отстапување локација. На ова од Општината демантираат дека постои такво нешто.

„Не постои таква иницијатива. Општина Штип нема добиено понуда од некоја компанија за голема количина садници, која е одбиена со образложение дека не постои локација за садниците.“ – истакнаа од Општина Штип.

Од Левица тврдат дека локација немало и за други садници, кои тие ги обезбедиле како политичка партија. Сепак, во координација со единицата Паркови и зеленило на ЈП „Исар“ договорено било да се посадат во новиот парк во населба Сењак.

Ваквите иницијативи, вели Михајловски, се бидејќи Левица ја поддржува зелената политика и би требало градот да инвестира во зелени површини.

Ребека Спасова М-Нет