
Членови од Здружението на пензионери во Штип и Карбинци ги посетија најстарите пензионери, браќата Наскови. Наскови живеат во штипската приградска населба Стар Караорман и веќе ја имаат надминато стотата година од својот животен век. Симеон Наскови има 102, а неговиот помал брат Ристо веќе има над 100 години. Од Здружението информираат дека во рамки на своите активности во однос на тоа дали е поместена старосната граница на најстарите пензионери во општина Штип дошле до интересен податок. Дознале дека во оваа населба живеат најстарите пензионери во општината и пошироко.
„Тоа се браќата Наскови кои веќе одамна ја надминаа стотата година од својот животен век. Сакавме да дознаеме повеќе за нив, за причината на нивната долговечност која можеби лежи во генот, водењето умерен живот или, пак, во напорната физичка работа во текот на целиот живот. Така нашата љубопитност вроди со идеја да ги посетиме во нивниот дом и самите да ја раскажат својата животна приказна. И се случи на 19 јули 2022 година, лето, убав, топол, сончев ден, мала екипа од ЗП Штип со пригодни подароци ги посети браќата Наскови во нивниот дом.“ – се вели во соопштението на Здружението на пензионери.
Помладиот брат Ристо го затекнале како работи во својот пластеник, а тој кога ги видел, ја оставил мотиката и им посакал пријатно добредојде. Разговорот почнал спонтано, па браќата ги раскажале своите животни приказни. Двајцата имале и уште една сестра која исто така ја надминала стотата година. Од Здружението заклучуваат дека семејството Наскови е вистински феномен за долговечност.
„Се викам Насков Ристо, роден сум во 1923 година. Од 1981 сум во пензија и веќе ја терам стотката, 100 години сум. Работев во „Македонка“ како мајстор“, вели Ристо.
„Кога му ја кажавме намерата на нашата посета, беше уште попријатно изненаден и заедно со него отидовме кај неговиот постар брат Симеон, кој веќе одмараше во куќата. Разговорот почна спонтано да тече и тие ни ги раскажааа своите животни приказни, но и не’ надополнија дека имале и уште една сестра која исто така ја надминала стотата година од својот живот. Од ова бевме изненадени бидејќи корените и стеблото на семејството Наскови се своевиден феномен за долговечност на животот, а ни појаснија и дека и во овие години здравјето се уште ги служи и не се сеќаваат кога последен пат биле на лекар.“ – додаваат од Здружението.
Браќата Наскови пензионерскиот живот го започнале во осумдесетите години од минатиот век, по завршувањето на работниот век во Текстилниот комбинат „Македонка“. Веќе четириесетина години се пензионери, па посакаа секој пензионер да си дочека длабока старост. Од Здружението велат дека им посакале да продолжат да ги дуваат свеќичките на нивните роденден, а посета да се реализира и следната година.
Ребека Спасова М-Нет