Јавните претпријатија во сериозна криза, побараа субвенционирање или дотации од Владата

Јавните претпријатија во сериозна криза излегоа со барања пред Владата. Од Здружението на даватели на комунални услуги „АДКОМ“, кое вклучува над 90 комунални претпријатија се надеваат дека Владата ќе излезе во пресрет на барањата, бидејќи како што вели и директорот на штипското претпријатие „Исар“, ги намалуваат трошоците кои можат, но не и они врз кои влијание има Владата.

„Владата има директен импакт во покачувањето на енергенсите, односно електрична енергија и горивата, коишто се од суштинско значење за функционирањето и работењето на јавните претпријатија. Предлогот е да се состави тим од јавните претпријатија и тим од Владата каде што ќе се разговара како би се помогнало на јавните претпријатија со субвенционирање или со дотации или на некој друг начин за да може да ја надминат оваа инфлација и криза којашто се случува кај нас и да може редовно и квалитетно да ја испорачуваат услугата кон граѓаните“, Трајче Здравков, в.д. директор на ЈП „Исар“ – Штип.

Здравков вели дека ЈП „Исар“ засега успешно менаџира со трошоците, иако беше рекордер во високи сметки за електрична енергија. Сепак, сето тоа е на краткорочен план, па треба подолгорочно решение од Владата.

„Ќе мора да побараме помош и од други надлежни институции за субвенционирање или дотации на цените коишто се од суштинско значење за работењето. Пред сѐ, тоа се електрична енергија, којашто е покачена за петпати, горивото, кое што е покачено од претходните години, и цените на другите репроматеријали коишто се секојдневна работа на јавното претпријатие“, додава Здравков.

Штипското комунално претпријатие на штипјани нема да им испорачува вода по повисока цена, бидејќи за истово одлучува Регулаторната комисија. Зголемување на цената на комуналните услуги најавија неколку јавни претпријатија, но Здравков потенцира дека фокусот засега е на квалитетно испорачување на услугите.

„Цената на водата ја одредува Регулаторната комисија. Ние за оваа година имаме цена, таа е дефинирана и по таа цена се плаќа водата. Нашата цел засега е да ги испорачуваме услугите и да работиме квалитетно. За цената на водата ќе одлучи со решение Регулаторната комисија кога ќе дојде време за тоа“, потенцираше Здравков.

ЈП „Исар“ засега делуваше на намалување на потрошеното гориво, како и потрошените материјали за работа, но цената на електричната енергија е сѐ повисока, што покажува и фактот дека во првите четири месеца од годинава имале загуба од 35 милиони денари и сметки во вкупна висина од 40 милиони денари. Во моментов се изготвува и полугодишниот извештај за да се утврди ситуацијата.

Ребека Спасова М-Нет