Во текот на јули 2026 година, Народната банка, заедно со банките и останатите учесници во МИПС, успешно го спроведе првиот циклус тестирање на новото системско решение, при што беше потврдена неговата функционалност и подготвеноста за продолжување на следните фази од примената. Во рамките на тестирањето беа успешно обработени најголемиот дел од платежните пораки предвидени со проектот, согласно со стандардот ISO 20022, извести Народната банка.
По завршувањето на првиот циклус на тестирањето, во Народната банка се одржа работен состанок со учесниците во МИПС, на кој беа презентирани резултатите од досегашните активности, беа разгледани прашањата коишто се појавија во текот на тестирањето и беа усогласени наредните чекори за успешно спроведување на проектот.
Како што истакна Биљана Доновска-Гечева, директорка на Дирекцијата за платни системи во Народната банка, во наредниот период ќе продолжат активностите за финализирање на тестирањата и подготовка за воведување на новото системско решение во редовна употреба.
Воведувањето на стандардот ISO 20022 претставува значаен чекор во модернизацијата на националната платежна инфраструктура. Новиот стандард ќе овозможи размена на поквалитетни и побогати податоци во платниот промет, поефикасна автоматска обработка на плаќањата, поедноставно спроведување на контролите и поголема усогласеност со стандардите и практиките на Европската централна банка и европските платни системи. Со тоа ќе се создадат услови за поефикасни, посигурни и помодерни платежни услуги, во согласност со европските трендови и обврските во процесот на европската интеграција.
Проектот финансиран од Европската Унија „Зајакнување на капацитетот на Народната банка во областа на екстерните статистики, платежната статистика и платните системи“, покрај воведувањето на стандардот ISO 20022 во МИПС, опфаќа и воспоставување склад на податоци за потребите на екстерните статистики, со што дополнително се зајакнуваат институционалните капацитети на Народната банка во овие две значајни области, соопшти Народната банка.
Текстот Напредува модернизацијата на Македонскиот интербанкарски платен систем со поддршка од Европската Унија, соопшти Народната банка е превземен од МАКФАКС.