Витамини и ваучери се поделија на случајни минувачи за Светскиот ден на здравјето

Со подарување награди и ваучери, како и со реализација на квиз кај случајни минувачи, членовите на НЕЦИ го одбележаа Светскиот ден на здравјето – 7 Април. Целта на активноста беше кај граѓаните да се подигне свесноста за важноста на здравите навики и практики.

„Ни имаме направено квиз со неколку прашања коишто ќе бидат поставувани на случајни минувачи. Во зависност од одговорите на граѓаните, точни или неточни, имаме спремено различни награди како што се витамини и ваучери коишто граѓаните подоцна ќе може да ги искористат“, истакна Ива Павлова, член на НЕЦИ.

И во изминатиов период членовите реализираа низа активности од областа на медицината со помош на студенти и ученици од медицинските училишта и факултети. Со денешната активност целта беше граѓаните да се едуцираат за некои од болестите врз основа на нивните одговори на квизот.

„Имавме проекти во коишто ја покажавме медицинската поддршка, како што е првата помош, сето тоа со студенти и ученици од медицински училишта и факултети. Се надеваме дека младите и постарите лица ќе бидат поедуцирани во однос на медицината и работите кои се случуваат во текот на животот“, вели Дора Митевска, член на НЕЦИ.

7 Април како Светски ден на здравјето се одбележува секоја година почнувајќи од 1950, а ова како Одлука е донесено во 1948 година на Првото здравствено собрание на СЗО. Овој ден е датумот кога е основана СЗО и пригодата се смета за прилика да се привлече меѓународното внимание на здравствените проблеми со кои се соочува светот.

Ребека Спасова М-Нет