Здравство треба да го санира урнатиот ѕид кај Детската клиника, а Град Скопје и Општина Центар да најдат решение за подземните води

Санацијата на Полуурнатиот ѕид кај Детската клиника е во надлежност на Министерството за здравство, а решението за подземните води треба да биде изнајдено на ниво на Град Скопје и Општина Центар. Ваков е заклучокот од заедничката координативна средба во ЦУК на која беше разгледано прашањето за потпорниот ѕид и подземните води на улицата „Белградска“.

На состанокот присуствуваа претставниците од Центарот за управување со кризи (ЦУК), Градот Скопје и Општина Центар, додека Министерството за здравство било покането, но не исптатило претставник на состанокот, информираа од ЦУК.

На средбата беше истакнато дека долгорочното решавање на проблемот со водите може да трае со години, па дури и цела деценија, а краткорочното решение може да се заврши до крајот на летото. Проблемот е сериозен, а во врска со тоа колку ќе чини целата контрукција неопходно е да биде направена поголема студија од страна на стручните служби.

„Акутно и веднаш може да се направи поправка на оградата на потпорниот ѕид што е во надлежност на Министерството за здравство. Проблемот со подземните води е сериозен, особено кога станува збор за целосно зафаќање на подземните води од Водно, зашто дел од канализациската мрежа која е изградена во 50-тите години од минатиот век е уништена или затрупана, а дел се одржува. Значи, потребна е реконструкција и целосно нова изградба на нов систем, што е долгорочно решение кое може да трае со години или цела деценија. Но, тоа е државен проблем кој ќе се решава во иднина“, изјави државниот советник за организација и функционирање на Системот за управување со кризи Драги Тарчуговски, додавајќи дека треба да се направи каптирање на таа вода на улицата и нејзино внесување во атмосферската канализација.

„Очекуваме во наредниот период да се одржи координативна средба меѓу Општина Центар и Градот Скопје и да се види што може да се направи за итно решавање на овој проблем“, рече Тарчуговски.

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, изјави дека на претстјниот состанок со претставници од Општината Центар, треба да се види со каква документација се располага и какви финансиски импликации ќе имаат. Арсовска рече дека проблемот е многу сериозен, а такви средства нема ниту има Општината, ниту Градот. Тоа е стратешка инвестиција, вели Арсовска, што треба да се направи.

„Водостопанство како акционерско друштво од државна сопственост веќе извршило студија во минатата година. Таа е сериозен, голем, стратешки проект којшто ги опфаќа сите места каде што потенцијално има канали кои во овој момент се уништени и би требало да се ревидираат“, изјави Арсовска.

Откако минатата недела се урна дел ѕидот кај Клиниката за детски болести, институциите си ја префрлаа одговорноста за тоа под чија надлежност е ѕидот.

Текстот Здравство треба да го санира урнатиот ѕид кај Детската клиника, а Град Скопје и Општина Центар да најдат решение за подземните води е превземен од МАКФАКС.