Зголемен интересот и кај учениците и кај фирмите за дуалното образование, состанок одржан во Штип

Учи паметно – работи стручно, одржан работен состанок денеска во просториите на Општина Штип. Процесот се однесува на дуалното образование, односно учење на учениците преку пракса. Во Штип ова се практикува од претходната година од кога се опфатени околу 40 ученика во трите средни стручни училишта. Тенденција е оваа година да се запишат поголем број на ученици, кои ќе учат со поголем број часови по пракса.

„Бенифитите од дуалната паралелка се гледаат веќе во втора година, првата година е општо образовна како за сите профили. Ние веќе од септември очекуваме нашите работодавачи со кои склучивме договор да дадат техничка соработка, да ги отворат вратите за учениците и да ја применуваат програмата за учење преку работа кај работодавач. Разликата е единствено само зголемениот број на практична настава“ – вели Николиќ.

Има заинтересираност и од страна на учениците да се запишат и да изучуваат дуално образованние, а директорките на средното текстилно училиште и средното „Коле Нехтенин“ се задоволни од отвореноста на компаниите за соработка со учениците.

„Средното училиште Димитар Мирасчиев за прв пат минатата година склучи договор со четири компании и го воведе смерот техничар за изработка на облека во дуалната паралелка. Имаме зголемен број на час, а за разлика од претходната година може да кажеме дека заинтересираноста е зголемена“ – вели Варадиновска.

Финансискиот надоместок го плаќа Министерството за образование и наука, а компаниите имаат обврска да обезбедат ментор во самата компанија кој ќе работи со учениците, да ја платат обуката на менторот и тој да работи со самите ученици.

Лаура Стојанова М-Нет