
Оризопроизводителите од кочанскиот крај речиси се на работ на егзистенција поради високите трошоци. За околу 30 декари потребно е да се вложи најмалку 4.000 евра, вели Петре Димитров од село Чешиново, кој продава повеќе видови ориз, грав и леќа на штипскиот пазар. По производството, пак, вели проблемот е и во продажбата оти треба да се плати патот и тезгата.
„За оризот, јас имам 35 декара. Негде околу 150 евра на декар ориз, тоа е околу 4000 евра, јас треба да дадам 4000 евра. Ако се смета, да речеме, комбајнот, 1600 денара жетвата, имаме препарати за прскање на декарот, по 2000 мора да дадеш, па за ѓубре 3000, па за семе 120 денари, нафта да купиш 600 – 700 килограми, па да го измиеш оризот“, вели Петре Димитров, оризопроизводител од с. Чешиново.
Согласно со ова растат и цените. Ако денес купите килограм ориз по една цена, не значи дека истата ќе остане и следната седмица, туку, веројатно, ќе биде повисока и за 10 – 20 денари. Димитров вели – сѐ поскапува нагло, па и цените ги коригираат како што се случува поскапувањето.
„Цената е моментално преодна, секоја недела има преодна цена. Како оди поскапувањето и ние спрема тоа коригираме, затоа што струјата е покачена, бијарината на оризот, имаме тезги за плаќање, паушал, нафта…“, вели Димитров.
За да се преживее, мора многу да се работи, заклучува Димитров. Земјоделец не може да преживее само со одгледување една култура, туку мора да работи повеќе и да одгледува и нешто друго.
„Е, сега, како да се преживее? Мора да се преживее на начин што мораш да работиш, па да имаш и други дополнителни работи. Јас сум земјоделец, произведувам сѐ, имам лозје, имам кокошки, свињи, за мене лично. Е, тоа нас нѐ спасува малку“, додава Димитров.
Оризопроизводителите од овој крај се разочарани од однесувањето на Владата кон нив и нивниот труд. Своето незадоволство тие неколкупати го искажаа на протести, но и покрај тоа, ситуацијата се нема подобрено.
Ребека Спасова М-Нет