
Благодарејќи на договорот помеѓу УЕФА и КОНМЕБОЛ натпреварот помеѓу репрезентациите на Македонија и на Украина ќе го суди аргентинска судиска тројка. За главен судија е делегиран Фернандо Андрес Рапалини на кого ќе му помагаат Хуан Пабло Белати, Диего Џамил Бонфа а словенецот Славко Винчиќ ќе биде како четврти судија. Главниот судија Рапалини важи за искусен судија со повеќе „свирки“ на Копа Америка и на Копа Либертадорес како и во аргентинскиот шампионат а за кого ќе биде „среќен“ ќе проследиме на утрешниот меч. Како реципроцитет на оваа латинско – американска судиска испомош, европски судии ќе судат на Копа Америка.


Нашите репрезентативци веќе три дена тренираат на стадионот на Стеауа а мечот со Украина ќе се одигра повторно на реновираната Национална арена. Најдоброто од македонските фудбалери секогаш се практикува со максимална упорност и борбеност токму против најдобрите со желба за успех и освојување на првите бодови. Секоја екипа има свои добри и секако послаби страни кои стручниот штаб треба да ги разоткрие , пронајде и да најде решение за нив, односно да ги искористи. Европското првенство е можност за сопствена афирмација на секој играч поединечно, за навивачите, за македонскиот фудбал и секако за целата наша македонска нација.

Натпреварот Македонија – Украина ќе се одигра во четврток 17 јуни на Националната арена во Букурешт со почеток во 16.00 часот по романско или во 15.00 часот по македонско време.
Од Букурешт Специјално за Мнет ТВ – Штип, Драги Герасимов – Пушка