
Десет ново примени ковид пациенти за едно деноноќие регистрирани во Клиничка болница Штип. Со ова и бројот на хоспитализирани зголемен споредбено со претходните денови. Имено, моментално хоспитализирани се 51 пациент од кои 44 во модуларната ковид болница и седум на Кожното одделение кое работи како ковид оддел. Од хоспитализираните 33 се на кислородна поддршка, а вакцинирани се 14 пациенти. Испишан е еден пациент, а нема регистрирано починати лица поради компликации од корона вирусот. Слободни се четири ковид кревети во модуларната болница и седум на Кожното одделение, информираше портпаролот на Клиничка болница Штип, Марина Шуманска.
Во Кочани пак хоспитализирани се 16 ковид пациенти на Интерното одделение кое работи како Ковид оддел. Од нив четири лица се на кислородна поддршка, а вакцинирани се шест лица. Во последните 24 часа испишани се тројца пациенти, а новопримено е едно лице. Нема регистрирано починати лица и слободни се 11 кревети, информираат од болницата.
Во Општините од Истокот активни моментално се 570 ковид случаи, од кои најмногу во Штип 207 и во Кочани 176. Во останатите општини бројката е двоцифрена. Најмалку активни ковид случаи има во Пехчево, односно само четири.
Според информации од Министерството за здравство заклучно со вчера во земјата се направени вкупно 1.372.834 тестирања на КОВИД-19.
Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 200.856, бројот на оздравени пациенти е 187.374, на починати е 7.087, а бројот на активни случаи изнесува 6.395.
Лаура Стојанова М-Нет