Затворениот базен во Штип треба да се заврши за два месеци и истиот да биде пуштен за пливачката сезона

После неколку години застој во активности со изградбата на затворениот базен во Штип, истите се откочени со што продолжува изградбата и истиот треба да биде готов за два месеци.

Градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов, изрази благодарност до министерот за спорт Борко Ристовски што е откочен овој процес за конечно да биде завршен затворениот базен во Штип.

„Најпрво сакам да го изразам моето задоволство за денешната посета на министерот за спорт Борко Ристовски, кој што е денес заедно со нас со надзорот со економскиот оператор кој што има за задача да го доизгради затворениот базен. Како што знаете во минатото оваа тема беше доста комуницирана заради застојот којшто се случуваше последователно неколку години. Навистина сакам да изразам благодарност до министерот кој што се заложи да го откочи овој процес и еве веќе денес овде се сите чинители коишто верувам дека во наредните месеци ќе успеа да ја довршат изградбата на овој базен и истиот да биде ставен во функција, за потребите на граѓаните на општина Штип, а пред се за потребите на учениците за дечињата од училишта возраст кои што ќе го користат базенот“, рече градоначалникот Јорданов.

Министерот Ристовски истакна дека затворениот базен треба да биде завршен во следните два месеци, односно до почетокот на новата пливачка односно летна сезона.

„Ова е еден процес кој што беше закочен повеќе години, ние ги правиме сите можни напори уште еднаш да се заблагодарам на економскиот оператор за разбирањето затоа што верувајте дека овој процес е застанат три до четири години, ние сега до крајот на летото ќе го завршиме, така да уште еднаш задоволството е големо затоа што навистина крае корисник ќе бидат дечињата, пливачките школи, граѓаните на општина Штип. Не би додал многу освен тоа дека ќе правиме максимални напори во неделни координации со економскиот оператор за да овој базен биде завршен до крајот на следните два месеци или пред почетокот на пливачката сезона или летната сезона“, рече министерот Ристовски.

Затворениот базен во Штип започна да се гради во февруари 2020 години, но потоа имаше период кога беа закочени активностите поврзани со неговата изградба, за да конечно сега истите бидат откочени со што штипјани треба да добијат затворен базен за новата пливачка сезона.

Александар Ванев, М-Нет