Започна реконструкцијата на улица во село Долни Балван со пари обезбедени од Општина Карбинци

Започна реконструкцијата на првата од трите ветени улици во село Долни Балван. Градежните активности на терен започнаа денеска, а увид во стартот изврши градоначалникот Виктор Паунов. Општината за оваа улица издвои нешто над 700 илјади денари пари од Буџето. Паунов потенцираше дека во наредните денови ќе се пристапи и кон реконструкција на улиците во село Радање, а ново спортско игралиште ќе добија жителите на Долни Балван.

„Се работи за улица која е со површина од 700 метри квадратни и должина околу 200 метри, инвестиција која Општина Карбинци ќе ја чини 700 илјади денари. Со овој проект ќе се задоволат потребите на граѓаните, а ќе продолжиме да инвестираме во инфраструктурата и да ги подобриме условите за живот во повеќе населени места. Овој пат е во склоп на она што се најавуваше претходно дека ќе почнеме со изградба на три нови улици, ова е првата од нив“ – вели Паунов.

Во оваа прилика Паунов истакна дека започнуваат со реализација и капиталните проекти на теритроија на Општина Карбинци. За два месеца се очекува реконструкција на патниот правец Долни Балван – Тариници, како и завршување на училиштната зграда во Таринци.

„Очекувам за месец до два доколку се завршат сите постапки од страна на Министерството за транспорт и врски да започне реконструкцијата на патниот правец Таринци – Долни Балван. Тендерската постапка е веќе завршена и се надевам дека ќе се направи избор за изведувач.“ – додава Паунов.

Паунов истакна дека се работи и на пристапниот пат кон филтер станицата со што потенцираше дека работа има доста и ветени проекти кои во наредниот период ќе се реализираат.

Лаура Стојанова М-Нет