Започна изградбата на зелената оаза во Штип, мега паркот „Иднина“ на површина од 70 илјади метри квадратни

На површина од 70 илјади метри квадратни започна да се гради најголемиот мега парк во Општина Штип. Станува збор за паркот „Иднина“ каде е предвидено да има доста зелена површина, мини езерце и содржини со кои Штип ќе го оправда епитетот центар на Истокот. Со изградбата на оваа зелена оаза во Штип се очекува градот да го промени својот изглед, а придобивките се гарантирани за сите граѓани.

„Вршиме вовед на градежните активности на новиот мега парк, зелен парк покрај коритотот на река Брегалница. Зелена површина, зелена оаза којашто ќе го промени начинот на живот во нашиот град, но и изгледот на Општина Штип. После изградбата на овој мега парк граѓаните ќе добијат видоизменет град и една содржина која сум сигурен дека не само штипјани туку ќе ја користат и граѓаните кои ќе доаѓаат од околните населени места.

Вредноста е околу 100 милиони денари, на површина од окоу 70 илјади метри квадратни, по должината на велосипедско пешачката патека.“ – вели Јорданов.

Јорданов посочи дека со тек на времето, мега паркот ќе добива на вредност заради вегетацијата и зеленилото кое е предвидено да биде присутно овде, па не се исклучува можноста ова да биде најубавиот дел од градот. Ќе се работи интезивно на терен и се очекува да биде завршен во наредните четири месеци.

„Верувам дека по изградбата на овој парк проектот ќе добива вредност како ќе минува времето затоа што целата вегетација која е предвидена и зеленилото кое е предвидено со тек на време ќе додаде вредност и на паркот и на се она кое наоколу ќе се создава, а ќе се гради многу. Имајќи во предвидед дека е во близина на булеварот Партизанска и на новата зона за домување , перспективно во наредните години ова ќе биде еден од најубавите делови од нашиот град“ – додава Јорданов.

Во меѓувреме бунарскиот систем кој се наоѓа во непосредна близина на паркот ќе биде заштитен како резервна варијантна за водоснабдување на Штип.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет