
Од денес почнува изборната кампања, а ќе трае 20 дена, до полноќ на 15 октомври. 303 кандидати за градоначалници за 80 општини и град Скопје, како и 567 листи за советници ќе ја „трчаат“ предизборната трка за претстојните избори на 17 октомври.
Централниот настан на караванот „Најдоброто за мојата општина“ предводен од СДСМ за почеток на кампањата ќе биде во Битола, а завршниот настан во Куманово на 15 октомври. ВМРО-ДПМНЕ под слоганот „Создади нова иднина“ традиционално почнува од Охрид, а ќе заврши во Штип. Кампањата за локалните избори ДУИ ќе ја почне и заврши во Гостивар. Беса стартува од Скопје, а својата кампања ќе ја заврши во Тетово. Во Тетово ќе заврши и кампањата на Алијансата за Албанците и Алтернатива, а ќе почнат од Чаир.
ДИК го утврди редоследот на гласачките ливчиња, а партиите кои ќе учествуваат на изборите претходните денови потпишуваа Кодекс за фер и демократски избори. На овие избори се две меѓуетнички предизборни коалиции. Од едната страна е коалицијата на владејачките партии СДСМ, ДУИ, Беса и ДПА. Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ, склучи предизборна коалиција од партиите од албанскиот блок Алијансата за Албанците и Алтернатива.
Во општините од Истокот во трката за градоначалничка фотелја во 11 општини ќе учествуваат 31 кандидат за градоначалници, 29 мажи и две жени. Четворица независни кандидати и 27 од политички партии. Меѓу нив, доктори, економисти, аналитичари. Вториот круг избори ќе се одржи на 31 октомври, а кампањата за втор круг ќе трае до полноќ на 29 октомври.
Ребека Спасова МНет