
Синоќа во Штип во 78 година од животот почина легендарниот спортски универзалец Андон Поп Андонов – Ноно. Славното штипско Ново Село дарило голем број личности кои со своите афинитети придонеле за свој личен авторитет, афирмација на спортскиот клуб и секако успешна промоција на градот и на државата. Висок, стасит и атлетски извајан уште од мали нозе Андон Поп Андонов просто ги „везел“ ракометот, гимнастиката, атлетиката за да на крај биде успешен и како борач.
Во неговата кариера со златни букви се испишани успесите во Текстилец, потоа во Борец од Велес, се паметат ракометните надигрувања со светските Груја, Монтеану,Војнеа, Попеску и уште многу други ракометни легенди, иако учеше и се научи Ракомет со Савето, Цуцуло, Џурата, Венко, Гајдов, Ќиркоф,Славко Павлешиќ, Ратко Трајковиќ,Селена, Фрковиќ…. . Беше државен првак во борење, спорт во кој некако како да беше предодреден поради својата голема упорност, жилавост, силина која ја искажуваше на секој чекор. Останаа овековечени скандирањата и на штипјани и на велешани под мотото „ Бум Ноно, Бум гол“ а покрај мрежите често пати страдаа и стативите од неговиот силен и разорен удар. Иако со своите физички предиспозиции наликуваше на вистински „Тарзан“ сепак Ноно по природа беше трпелив, мирен и строго ги почитуваше судиските одлуки. По успешните кариери во Ракомет и во Борење, Андон Поп Андонов – Ноно има големи заслуги во тренерските води особено развивајќи го во тоа време женскиот Ракомет, Нека му е вечна фала и слава и нека Господ Бог му подари Царство небесно.
Драги Герасимов – Пушка Mnet.mk