
Зголемен интересот за вакцинација во Кочани и Штип. Координаторот за вакцинација, Иле Постолов, информираше дека на вакциналниот пункт во текот на денешниот ден дошле значително поголем број граѓани. За разлика од претходните недели, кога интересот за трета доза беше голем, но не и за прва, овојпат зголемената заинтересираност се однесува и на прва доза.
„Денес имаме значително зголемен интерес за вакцинација за прва доза. До овој момент се вакцинирани околу 50 лица со прва доза и околу 70 лица со трета доза. Забележлив е и зголемен интерес кај младите“, информира Постолов.
И на вакциналниот пункт во Штип забележан пораст на интересот за примање прва доза вакцина. Координаторката за вакцинација, Дијана Коцева – Миланова, вели дека последниве два дена бројот на заинтересирани кои доаѓаат за прва доза е во пораст за 100%. Ако претходно истиот беше намален на само 20 лица на дневно ниво, сега се вакцинираат 40 – 50 граѓани.
Во Кочани достапни се само „Фајзер“ вакцини, во Штип, пак, има достапни и „Синовак“ вакцини. Сепак, приоритетот се става на „Фајзер“ од причина што трета доза вакцина се аплицира само од овој производител.
Ваквата зголемена заинтересираност е откако стапи на сила и новата мерка на Владата за влез во објекти со две дози вакцина.
Зголемен интерес за вакцинација е забележан и на другите пунктови низ државата, имајќи предвид дека во петокот и саботата вкупно се вакцинирани нешто повеќе од 1100 лица, а само во текот на вчерашниот ден биле вакцинирани речиси 1800 лица.
Заклучно со 15 ноември вкупно се вакцинирани 815.523 граѓани, ревакцинирани се 785.916, а трета доза примиле 56.349 граѓани. Опфатот со вакцинација со една доза вакцина, на полнолетната популација е 58%, а со две дози опфатени се 47% од граѓаните над 18 години. Според бројот на аплицирани вакцини, 39% од целата популација е вакцинирана, а 38% од популацијата во државата примила две дози вакцина.
Ребека Спасова МНет