
Бањата Кежовица ќе се стави во функција до крајот на месецов под посебни протоколи и ограничувања. Ваков беше одговорот на Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, на реакциите од граѓаните при средбата во Ново Село. Имено, тие реагираа дека мора да одат во други бањи, имајќи ја Кежовица, која во моментов не функционира. Според Јорданов, бањата Кежовица е за општо добро на сите граѓани, па затоа и интервентно ќе ја реконструираат во рамките на можностите.
„Наша обврска е долгогодишната традиција на штипјани, бањата Кежовица, да ја ставиме во функција. Знаете дека времено е затворена заради пандемијата со Ковид – 19, но во консултации со членовите на Кризниот штаб, со кои веќе закажавме координација за стручно мислење од надлежните, до крајот на овој месец ќе направиме посебни протоколи и ограничувања за да ја ставиме во функција бањата Кежовица и да ја продолжиме традицијата“, рече Јорданов.
Како што напомена и Јорданов, бањата сега била нефунционална само поради ковид – пандемијата. Инаку, пред околу шест години беше реновиран машкиот дел од бањата. Целосно беа обновени и сместувачките капацитети во целиот комплекс, што беше обнова на бањата по повеќедецениска пауза.
Ребека Спасова МНет