Заврши теренската вакцинација, бројот на вакцинирани граѓани во Штип и Карбинци е задоволителен

Со посета на Козјак, Агрулица и Црвулево денес заврши теренската вакцинација. Во текот на овие две недели поминати се 38 приградски населби и рурални средини во Општините Штип и Карбинци.  Тим од еден доктор и две медицински сестри ги имунизираа граѓаните во тамошните училишта, амбуланти или други објекти. Неподвижните граѓани, пак, беа имунизирани преку медицинска патронажа, односно посетени во своите домови. Бројката на вакцинирани со прва доза е задоволителна, велат медицинските тимови.

„Денеска завршува и теренската вакцинација на лицата со прва доза. До овој момент имаме вакцинирано околу 480 лица“, рече Иле Постолов, заменик координатор за вакцинација.

Во текот на оваа недела беа вакцинирани и деца на возраст од 16 и 17 години. Меѓутоа, од 38 пријавени биле вакцинирани само 17 деца. Од наредната недела, пак, ќе се имунизираат деца на возраст од 14 до 16 години. За тоа потребно е тие прво да бидат пријавени преку сајтот вакцинација.мк.

И понатаму продолжува вакцинацијата со прва доза да се врши во Здравствениот дом „Панче Караѓозов“, а примањето ревакцина во Спортската сала „Јордан Мијалков“.Така, најверојатно, ќе биде до крајот на месецов. Инаку, таму и вчера и денес биле имунизирани задоволителен број пациенти.

„Во текот на вчерашниот ден имавме закажано околу 900 пациенти, и тоа 300 за ревакцинација со „Фајзер“ и 600 пациенти за ревакцинација со „Синовак“. Денес имаме закажано околу 500 пациенти за ревакцинација со „Синовак““, додаде Постолов.

Медицинските лица замолуваат сите пациенти да ги почитуваат своите термини и напоменуваат дека Спортската сала работи до 15 часот.

„Во текот на утрешниот ден ќе работи само салата за ревакцинација, а вакцинацијата со прва доза продолжува од понеделник“, истакна Постолов.

Според информации од Министерството за здравство, досега во општините од Истокот се имунизирани скоро една третина од населението.

Лаура Стојанова МНет