
Пред 20 години во дворот на Ристе Николов од село Воиславци, радовишко, биле засадени првите две дрвца праска. Климатските услови и поднебјето дозволиле да се родат многу праски, кои биле доволни и за Николов и неговото семејство, но и за пласман на пазарите. Започнале со мал пласман, но луѓето знаеле да го препознаат добриот вкус на ова овошје и барале од пазар на пазар сè повеќе и повеќе. Денеска тој одгледува некаде околу шест декари праски и постојано ги пласира на пазарите во Штип, Радовиш и Кочани.
„Некако, јас повеќе јадам овошје, а и децата многу сакаат овошје. Во дворот насадивме само две дрва, но децата велеа дека сакаат повеќе. Насадивме и видовме дека повеќе родија, па ги однесовме на пазарот. Имаше некоја задоволителна цена, па посадивме цела нива, потоа уште една. Сега имаме околу 6 декара наши праски“, вели Ристе Николов.
После долги години по пазарите Николов веќе е познат за купувачите на штипскиот пазар. Неговата праска е доста барана, бидејќи е квалитетна и блага, а истата се одгледува на посебен начин и со одредени тајни.
„Имаме наши тајни. Ги ставаме со коприва, не ги прскаме, па се еколошки. Со коприва ги третираме и праската е доста блага. Купувачите се задоволни и доаѓаат постојано. Имаме доста купувачи и продаваме доста роба“, додава Ристе.
Ристе вели дека за десетина години ќе нема кој да го наследи во одгледувањето на праски. Загрижува фактот што сè помалку луѓе се одлучуваат да одгледуваат овошје или зеленчук и да се занимаваат со земјоделство. А квалитетот на производите кои се нуди овде и оној кој се увезува од странство воопшто не е ист. Неговите праски на тезгите на пазарот се пласираат свежи, како што вели тој, од нива на трпеза.
„Последни генерации сме ние. Уште десет години ако работиме, а после нема кој да не наследи. Децата отидоа во странство, моите отидоа и сите одат. После се плашам дека ќе има увоз на земјоделски производи од странство. И сега има увезено праска од Турција, ама таа праска го нема квалитетот како нашата. Во ладилници ја донесуваат. Била на -6 степена, сега на +4, па брзо омекнува“, истакнува Ристе.
Освен праска во пласманот на пазарите кај Николов може да се забележат и модри сливи, но и домашна ракија. Тој вели дека купувачите се задоволни од производите, а тој од неговите верни купувачи.
Лаура Стојанова МНет