Забелешките за Законот за дивоградби на дискусии во Министерството за транспорт и врски

Заврши постапката за пишување забелешки на сметка на Законот за дивоградби. Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, истакна дека по ваквата постапка законот е сè уште во Министерството и неговата работна верзија ќе се надградува согласно сугестиите кои биле поднесени.

„Во однос на овој Закон веќе заврши постапката со што тој беше прикачен на ЕНЕР и минаа роковите. Имаше можност сите граѓани, сите засегнати институции и невладини организации да ги дадат своите дополнителни забелешки на овој Закон. Ние во текот на наредните денови во Министерството за транспорт и врски ќе ги разгледаме сите забелешки темелно, детално и веднаш потоа ќе го доставиме Законот до Влада, каде што ќе се дискутира дополнително, а веднаш потоа од Влада ќе биде доставен и до Собрание“, истакна Бочварски.

Министерот рече дека овој закон претходно досега бил подложен на многу дискусии, а го очекува и дополнителна дебата во собраниските клупи од причина што сакале да ги вклучат барањата на граѓаните од сите аспекти.

„Прифативме многу забелешки и веќе во оваа измена којашто ја изработивме се прифатија голем број на забелешки коишто беа доставени со цел заштита на сите ставови коишто ги имаат граѓаните, од сите аспекти. На крајот треба да донесеме заедничка одлука за тоа дали сме подготвени да донесеме закон со којшто ќе помогнеме на граѓаните или не. Тоа е демократијата, тоа е нешто за коешто сме подготвени, за коешто се боревме и така ќе продолжиме да работиме и понатаму“, додаде Бочварски.

Инаку, Законот претходно откако беше донесен крена голема прашина, поради што се повлече за да се изработи ново соодветно законско решение.

Ребека Спасова МНет