Жителите на населбата Сењак 4 во Штип добија нов мултифункционален парк

По речиси три месеца работа, жителите на населбата Сењак 4 добиваат мултифункционален парк. Од катче за повозрасните, до повеќенаменски игралишта за помладите и детски реквизити за најмалите жители на ова населба. Ова се содржините на паркот којшто денес свечено го претстави градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, според кој од едно руинирано катче, направиле корисен парк за жителите.

„Се наоѓаме во населбата Сењак 4, овде во изминатите неколку недели и месеци работевме на уредување на едно мултифункционално игралиште со паркова содржина, се поставија павер – елементи, хортикултурно уредување, неколку содржини за децата коишто живеат во оваа населба. Едно мини игралиште со вештачка трева за фудбал, баскет игралиште со специјализирана тартан подлога, детски реквизити. Едно место каде што нашите сограѓани, највозрасните и најмалите ќе имаат можност да го поминат своето слободно време“, истакна Јорданов.

Во моментов на ваков мултифункционален парк се работи во населбата Дузлак, а нови спортски игралишта претходно добија населбите Баби, Железничка, Три Чешми и Ново Село. Јорданов истакна дека со вакви содржини ќе продолжат да ги урбанизираат населбите во градот.

„Со истиот интензитет ќе продолжиме и во наредниот период. Веднаш штом ја завршивме оваа содржина, во истата населба Сењак 4 ќе продолжиме со уредување на уште еден дел помеѓу зградите, уште едно мултифункционално игралиште. Ова е сѐ со цел да го урбанизираме нашиот град во секоја населба и во секое населено место

Според жителите, пак, ова е од огромно значење за нивна рекреакција. Инвестицијата за мултифункционален парк во населба Сењак 4 е вредна 1,5 милиони денари, средства обезбедени од општинскиот буџет.

Ребека Спасова М-Нет