
„Животот е прекрасен“ – нова премиера на штипскиот театар со концепт на божиќна приказна. Проектот е со интересна тематика, животна реалност и концепт во кој публиката е гост во радиото „Слобода“ уште од моментот на влегување во салата. За истиот, режисерот Бојан Трифуновски, вели дека се базира на стара класика, но сѐ уште актуелна за гледачите.
„Принципот на работа беше американски, за само 45 дена во коишто актерите многу бргу треба да го совладаат текстот и да се качат на сцена. Станува збор за „Божиќна приказна“ на Чарлс Дикенс, старата класика, којашто прв ја преработи Филип Ван Дорен во една кратка сказна којашто имаше толку многу капацитет, зборуваше за толку суштински работи. Направивме драматизација, а Џо Лендри само ја украдовме тактиката, не украдовме, му се јавивме и му кажавме дека дејствието се случува во радио станица. Се сеќавате сите на филмот „Животот е прекрасен“ со Џими Стјуарт, кој има седум или осум номинации за оскар, мислам дека секој Божиќ го има на пет до десет кабловски телевизии кои се на англиски јазик. Базично тоа е приказната со тоа што ние ја направивме малку помодерна. Беше големо задоволство да се работи со овие командоси“, дополни Трифуновски.
„Една високо квалитетно изработена театарска претстава со којашто нашиот театар се подигнува на повисоко ниво и остава впечаток дека сме сериозни во својата работа и во своето дејствување и делување. Јас се надевам дека и во иднина така ќе биде. Би сакал да му се заблагодарам на Бојан за неговата работа и посветеност, за вложениот труд, што е дел од еден креативен процес. Во истиот беше вклучен целиот технички персонал, сите актери коишто беа одбрани на кастингот спроведен во Центарот за култура и мислам дека граѓаните може да уживаат во следните два месеца проследувајќи ја оваа претстава“, порача директорот на НУЦК „Ацо Шопов“ Штип, Горан Трајков.
Според актерите, она што тие го имаат подготвено ќе биде од интерес за гледачите. Од таа причина ја повикаа публиката да погледне нешто поинакво и интересно во кое имаат вложено многу труд.
„Јас сум задоволен од процесот, она што мојата улога го нуди. Нема да ја издадеме улогата, секој ќе дојде и сам ќе ги види улогите, но ми се допаѓа развојот којшто го има улогата, а тоа е придонесот кон сите други улоги, бидејќи самата улога на Мајкл е да помогне кон другите коишто се внатре во таа приказна“, истакна Ефтим Трајчов, еден од актерите.
„Навистина беше чест и задоволство да се работи на процес полн со љубов, полн со енергија и мислам дека создадовме една претстава којашто во иднина ќе биде многу гледана од публиката и ѝ посакувам долг живот. Јас во претставата го играм Џорџ Бејли, човекот на кој му треба помош“, рече Милорад Ангелов, актер во претставата.
„Многу ми е мило што сум влезена во штипски театар за да можам да работам со сите и се надевам дека ваквата соработка ќе продолжи. Јас ја играм Енџи, исто како мојата колешка Ава, лик којшто е презабавен, лик од којшто научив многу и на емотивен план и на поинаков. Така што ве поканувам да ја гледате претставата и да уживате во неа како што уживавме и ние во овие 45 дена спремајќи ја“, порача актерката Стефанија Митовска.
„Играм еден многу забавен лик којшто и покрај тоа што има многу тежок живот и нарушени семејни односи, сепак верува во тоа дека животот е прекрасен каков што и е“, додаде актерката Ава Хусеини.
„И луѓе, животот е прекрасен, искористете го, не се штедете, живејте!“, порача актерот Миле Вртеовски.
„Би ве поканил да ја погледнете затоа што вреди да се погледне оваа претстава. Инаку, јас го играм Алан во претставата. Повелете во четврток и петок, во 20:00 часот, во Народниот театар во Штип и уживајте, се разбира!“, заврши актерот Пеце Ристевски.
Претставата премиерно ќе се игра во четврток од 20:00 часот во Народниот театар Штип, а репризно ќе биде одиграна и во петок од 20:00 часот. Во претставата играат Ефтим Трајчов, Стефанија Митовска, Милорад Ангелов, Ава Хусеини, Миле Вртеовски, Пеце Ристевски, Ангелка Нашкова и Марија Минчева Андонов. Режијата и адаптацијата се на Бојан Трифуновски.
Ребека Спасова МНет