Женската Суперлига поделена во три групи по пет екипи, штипски Астибо во група А, „лавиците“ во група В

Новата сезона во ракометната Суперлига ќе се игра во нов формат, три групи по пет екипи. Во просториите на Ракометната федерација на Македонија беше извршена ждрепката за новата сезона, по што се познати екипите за секоја група, но и распоредот.

Во групата А ќе се соочат Чаир, Стружанка, Скопје, штипски Астибо и новопријавениот тим Ѓорче Петров 2.

Во групата Б ќе се соочат екипата на Металург Автокоманда, Куманово, Пелистер, Овче Поле СУ и Гевгелија, додека пак во групата В ќе се соочат шампионот Ѓорче Петров, Вардар, Деспина, Спартак и Шампион.

Според новиот систем на натпреварување откако ќе се комплетира регуларниот дел најдобрите две екипи од секоја група ќе го формираат плеј-офот со шест екипи, кои ќе играат двокружно меѓусебе, додека сите останати девет екипи ќе играат во плеј-аут каде ќе играат еднокружно.

Ракометарките на Астибо од Штип сезоната ја започнуваат против Скопје на гостински терен, Ѓорче Петров одбраната на титулата ја започнува против Шампион, Пелистер против Гевгелија, Овче Поле домаќин на фаворитот Металург Автокоманда, Деспина против Вардар, Чаир против Стружанка.

Новата сезона од женската ракометна Суперлига започнува на 7. септември.

Александар Ванев, М-Нет