
На пет кола до крајот продолжува борбата за влез во Првата футсал лига, три екипи со најголеми шанси, Црна Река се обидува да фати последниот приклучок.
Некогашниот шампион на Македонија, Железарец е на врвот од табелата со 40 бодови, ланскиот прволигаш е на добар пат експресно да се врати во елитата, на второто место е СЕЕ Университи со бод помалку односно 39 бодови.
Третопласирана е екипата на Каршиака која има 34 бодови, а пак ланскиот прволигаш Црна Река го држи четвртото место со 30 бодови, со тоа што тимот од Кавадарци има меч помалку, кој доколку го добие ќе има 33 бодови и се остане во посериозна трка за првите две места кои водат кон Прва лига.
Екипата на Фудбал Старс од Кочани е дебитат во Втората лига, а по 17 кола тимот го држи петтото место со 21 бод, без шанси за нешто повеќе, па целта на кочанскиот второлигаш ќе биде да се задржи на петтото место до крајот на сезоната.
На шестата позиција е Кратово со 19 бодови, а толку имаат и Партизан Југ и Конзули. ССК е на деветто место со 18 бодови, а пак некогашниот прволигаш Овче Поле од Свети Николе е претпоследен со 11 бодови и претставува големо разочарување, ако се земе фактот што минатата сезона Овче Поле водеше тешка борба за експресно враќање во Првата лига. На дното без бодови е Карадаку.
Во рамки на следното 18. коло ќе се игра дерби во Кавадарци на двата лански прволигаш Црна Река против лидерот Железарец, Овче Поле ќе го пречека Партизан Југ, ССК гледа идеална шанса против „фенерџијата“ Карадаку за седми сезонски триумф, Конзули ќе биде домаќин на Фудбал Старс од Кочани, а пак Каршиака ќе игра против Кратово.
Александар Ванев, М-Нет