Еуромилк ГЛ гради тим за враќање во Втора лига, засилувања и кај останатите третолигаши!

ФОТО: Александар Ванев, М Нет телевизија

Поранешниот прволигаш Еуромилк ГЛ гради тим со кој ќе се наметне како прв фаворит за освојување на првото место во Трета лига – Север, а со тоа можност преку баражот да обезбеди враќање во Втората лига.

Клубот ги задржа клучни играчи од минатата сезона како Оливер Пеев, Михаило Митров, Андреј Јаневски, а притоа ангажираше и неколку квалитетни засилувања.

Во пакет од третолигашот БВК Коњаре пристигнаа Орхан Мифтар кој со години е меѓу најдобрите стрелци на Северот, како и Фати Јусифи.

Мифтар низ својата кариера настапуваше за Риниа, Дрита од Боговиње, Вардар Форино, Тетекс, а има и меѓународно искуство настапувајќи за Влазниа во Косово. Од друга страна Фати пак во минатото го носеше дресот на Скопје, Вардар Форино, Велазерими, Шкупи, Работнички, Вардар и Локомотива.

Еуромилк ГЛ ќе се засилува и со голманот Матеј Андов кој доаѓа од велешки Борец, во минатото настапуваше за Охрид, Силекс, Осогово, Кадино, Работнички и Вардар, а беше и младински репрезентативец на Македонија. Ново засилување ќе биде Бојан Јанев, кој доаѓа од Кожуф, како и Матеј Јаневски од Вардар Неготино, а клубот ќе се засилува и со одличниот Никола Анчевски кој во пролетниот дел беше во Борец.

Во Еуромилк ГЛ се очекуваат уште неколку квалитетни засилувања со што тимот кој ќе биде предводен од Зоран Божиновски и Драги Стојановски ќе биде прв фаворит за освојување на првото место во Трета лига – Север, а потоа преку бараж некогашниот прволигаш од Горно Лисиче ќе бара влез во Втора лига.

Новиот третолигаш Беса од Сарај промовираше неколку нови играчи за новата сезона. Тимот се засили со Емин Бахтјари, кој во минатото има настапувано за Македонија ЃП, Вардар Форино, Риниа, Работнички и Сарај, а со ангажманот на Бахтјари екипата на Беса го засилува средниот ред.

Беса се засили со Неби Мустафа, 16-годишникот доаѓа од екипата на Братство, потоа со голманот Стефан Копчаревски кој носи и меѓународно искуство, Зирап Имери кој ќе биде одлично засилување во одбраната, како и Исмаил Џафери, со кој Беса го засилува нападот.

Клубот речиси со сите играчи ја продолжи соработката за новата сезона, кој го понесоа товарот во претходната сезона и преку бараж обезбедија третолигашки статус за Беса од Сарај.

Во новата сезона во Трета лига – Север ќе се натпреваруваат 14 екипи, последни три испаѓаат во Општинската лига, а пак шампионот игра бараж за можен влез во Втора лига.

Александар Ванев, М-Нет