Ена Стојановска беше најдобра на натпреварот „Млади библиотекари“ во штипската Библиотека

Традиционалниот општински натпревар „Млади библиотекари“ денеска се одржа во штипската Библиотека. Ученици од сите основни училишта одговараа прашалник од областа на библиотекарството и се бореа за учество на републичкиот натпревар. На натпреварот беа пријавени 12 натпреварувачи, но учествуваа само осум.

„Денес во НУ-УБ „Гоце Делчев“ – Штип се одржува натпреварот „Млади библиотекари“. На овој натпревар се натпреваруваат ученици од осмо и деветто одделение од основните училишта. Се натпреваруваат од областа на библиотекарството, одговараат на тест – прашалник од 20 прашања во време од еден час. Оној натпреварувач кој ќе има најголем број поени, ќе се натпреварува на републичкиот натпревар „Млади библиотекари“ кој оваа година ќе се одржи во Охрид на 20 мај“, истакна Жаклина Петрушева, библиотекар.

Најмногу поени на натпреварот, вкупно 100, освои Ена Стојановска од ООУ „Славејко Арсов“ и со тоа се стекна со право да се натпреварува на републичкиот натпревар. На второ место беше Ангела Стојанова од ООУ „Димитар Влахов“ со 90 поени, а третото место го делеа Адријана Божинова и Ива Чамински, двете од ООУ „Тошо Арсов. Комисијата за организирање и спроведување на натпреварот беше составена од претседателката Жаклина Петрушева и членовите Ирена Јорданова и Жаклина Ѓорѓиева и истата поединечно ги оцени одговорите. На сите учесници Библиотеката им подари пригодни подароци и благодарници за учесниците и менторите.

Ребека Спасова М-Нет