
По шест месеци Јорданов се буди од зимски сон за да го пречека лидерот на ВМРО ДПМНЕ во Штип, а градот тоне во ѓубре, истакнаа денеска на прес конференција од ОО на СДСМ Штип. Од таму додаваат дека неспособноста на Локалната власт се гледа преку пристигнувањето на цистерна за перење улици дури од Гевгелија.
„Ваква цистерна во Штип не беше ангажирана пред неколку месеци, кога штипјани неколку дена ненајавено беа без вода за пиење. Но кога е во прашање доаѓањето на Мицкоски, истата експресно пристигна по партиска наредба за партиски настан. Гевгелиската цистерна е убава илустрација на фактот дека приоритетите на Јорданов не се за граѓаните на Штип и потребите на Штип. Во пола година, ниту најавил, ниту почнал проект од важност за Општина Штип“, истакна од ОО на СДСМ Штип.
На ваквата реакција директорот на ЈП „Исар“, Трајче Здравков, кажа дека доколку претходната власт не купувала метларки и инвестирала во цистерни, сега немаше да се позајмува цистерна од Гевгелија.
„Претходното раководство да не купуваше метларки од 90.000 евра, коишто се нефункционални и не ги метат штипските улици, наместо тоа да купеа две цистерни и друга механизација, сега јавното претпријатие немаше да мора да се снаоѓа со работи коишто се потребни. Имаме 50 години стара цистерна, па за перење улици поднесуваме барања до некои други цистерни. Кога ќе ги средиме механизациите, ќе продолжиме со перење“, рече Здравков.
За колку пари гевгелиската цистерна ги чистеше улиците во Штип е сѐ уште непознато, односно Здравков истакна дека дополнително ќе биде известено.
Лаура Стојанова М-Нет