
Нов месец, нова висока сметка за струја за Емилија од Штип. И покрај претходната реакција, вели дека институциите немаат слух за решавање на проблемот. Сега се обидувала што помалку да биде во станот, дури и малата печка сè помалку ја вклучувала, но новата сметка е над 6000 денари. Ниту Емилија, ниту М-Нет Телевизија за претходната сметка не добија образложение од ЕВН. Сега, пак, Емилија се обидела да разговара, но, како што вели, вработените не ѝ излегле во пресрет.
„И покрај сите тие работи коишто ги искажав дека треба да дојдат да проверат, никој не дојде. Јас не излегувам на телевизија за да кажам нешто, туку излегувам да си кажам за мојата мака. Јас со социјално и со делот од општокорисната работа којашто ја работам не можам да го платам тоа. Реално кажано, како што видовте и претходно, имаше мала греалка, ама тоа го вклучувам по потреба, скоро никогаш не сум дома, гледам да избегнувам, бидејќи рекоа дека електричната енергија ќе биде поскапена. Вчера ми се случи во ЕВН да ме дискриминираат на некој начин, поради тоа што сум излегла на телевизија. Им реков дали може да се плати на рати, а таа ми вели вие сè си знаете“, вели Емилија.
М-Нет овојпат се обиде да се обрати и во просториите на ЕВН, каде обезбедувањето не дозволи да се влезе, со образложение дека надлежните се отсутни, односно таму не се ниту директорите, ниту шефовите.
„Да, реагирав и до Скопје, истото ми го потврдија, дури не сакаа ни да ме ислушаат. Едноставно, како да ме дискриминираат. Вчера ми рекоа дека доколку не ја платам првата фактура, струјата веднаш ќе се изгаси“, додава Емилија.
Емилија живее сама во социјална зграда, а претходно таа се сомневаше дека е можно крадење на електрична енергија, бидејќи броилото било променето во период кога таа не била дома. Претходно, праксата покажуваше дека драстично зголемување на сметките има секој трет граѓанин.
Ребека Спасова М-Нет