Екипи на ЈП „Стипион“ на терен – голем дел од атмосферските канали и решетки веќе се чисти

Двапати годишно се чистат атмосферските канали на територија на Штип, ама и вонредно се прават контроли со цел навремено да се спречат поголеми поплави во градот. Од утринава екипи на ЈП Стипион се на терен и работат на расчистување на улиците по вчерашното невреме кое го зафати Штип. Директорот, Панче Стефановски вели дека се исчистени каналите во наслеба Осми Ноември, како и кај училиштето Тошо Арсов.

„Јавното претпријатие Стипион врши редовно одржување на атмосферските канали двапати годишно, во месеците март и април, и околу месец октомрви како и периодични проверки за состојбата во која се наоѓаат атмосферските канали и вонредни интервенции по реакции на граѓани. Сакам да напомена дека изминатиот период изобилуваше со многу врнежи, а со тоа и вегетацијата е многу погуста и опасноста од наноси и запушувања е многу поголема. Затоа од почетокот на оваа недела излеговме на терен и направивме вонредна контрола на атмосферските канали и започнавме да интервенираме на места на кои тоа беше потребно. Досега ги исчистивме атмосферските канали кај училиштето Тошо Арсов, како и завршуваме со работата овде.“ – вели Стефановски.

Со сите расположливи ресурси ќе се работи и наредните денови, со цел доколку дојде до пообилни врнежи од дожд граѓаните и градот да не се соочат со поплави заради неисчистени канали и атмосферски решетки.

„Ние работиме со сите расположливи средства да ги предвидиме сите несакани последници, ќе работиме на превенција, со цел ова да не се појави ако има нови врнежи од дожд.“ – додава Стефановски.

Во текот на вчерашниот ден поплавата кај црквата Свети Никола е на вообичаено место, но водата веднаш е испумпана. Од денеска граѓаните во Штип може да пријавуваат и штети.

Лаура Стојанова М-Нет