
Професорот и прв декан на Земјоделскиот факултет во Штип, Илија Каров, од лице место во оризовите површини, вели дека не станува за нова болест на оризот, туку инсект кој зел голем замав. Тој вели дека мора да се разграничи што е болест од патоген, што од непатогена природа, а што штета предизвикана од инсект и во случајов е сигурен дека станува збор за последното.
„Сакам да ви потврдам дека не се работи за болест, и тоа 100%, се работи за инсект. Моментално, ларвите се во кореновиот систем и го јадат кореновиот систем. Не се работи за нова опасна болест“, вели Каров.
Прскањето може делумно да ја намали штетата, а и оризот сам по себе се обидува да опстои, меѓутоа приносот ќе биде намален најмалку 50%, вели Каров, бидејќи штетата е веќе направена во голема мера. Да се утврдело порано, можело и да се спречи со соодветни инсектициди.
„Во овај случај треба да се прска со системичен инсектицид или кој било инсектицид да се користи за малку од малку да се намали штетата, а штетата е веќе направена, бидејќи инсектот зел голем замав, многу е размножен и штетата е веќе направена. Оризот се обидува да пушти адвентивни коренчиња, ама приносот ќе биде намален“, додава Каров.
Инаку, како што вели професорот Каров, за оризот се типични неколку болести кои во голема мера го напаѓаат приземниот дел од стеблото. Во последно време во голема мера болестите се внесуваат преку увозот на оризова арпа како семенски материјал од Турција и Италија, бидејќи за тоа не постојат строги контроли. Оризот е монокултура и тие три-четири болести ги има во Европа, САД, па и во Кина.
„Другите болести што ги има е пирикуларија оризе што напаѓа на нодусите, другиот дел е пламеница на вратот, па на основата на метлицата и третиот дела на таа пирикуларија оризе напаѓа на метлиците и на зрната. Сега што имам приметено, тоа се гледа и од подалеку на површините, последниве 13 – 15 години, една болест гибирела. И таа е исто донесена од Италија“, истакна Илија Каров, професор на Земјоделски факултет.
Според професорот Каров, големо влијание врз развојот во висина, редукцијата на стеблото, како и во кореновиот систем има и користењето на хербициди, односно дали истото е соодветно. Болестите кои досега се познати не го напаѓаат коренскиот систем.
Ребека Спасова М-Нет