Единствена и стара над 180 години е казаницата на чичко Владо од штипско Ново Село

Стара над 180 години е казаницата на чичко Владо Пипереевски од штипско Ново Село. Некогаш во градот имало над десетина казаници, но денеска тој уверува дека останала само неговата, која се наоѓа ведна до Ридарска чешма. Луѓето вели чичко Владо ракија варат во подвижни казани, бидејќи им е полесно, но во казаница се добива најквалитетната ракаија.

„Самата казаница, самата куќа наша датира од пред 180 години. Казаницата е исто 180 години со мали поправки, ако пукне нешто да го поправиме тоа, иначе како е изѕидана така е до ден денеска. Дедо ми кажуваше во Ново Село дека имало десет казаници, сега е само оваа. Јас колку што знам во Штип е само оваа. Казаницата се состои камен кој е клесан на времето, значи пред 180 години е клесан, од бакрен казан со цигли околу и капак со луле.“ – вели Владо.

Чичко Владо веќе повеќе од шест децении е покрај казаницата наследена од неговиот дедо. Пред камерите на М-Нет телевизија вели за добра ракија потребен е добар мајстор и доволно време за печење на истата.

„120 килограми е казано, ако е добро грозјето дава 30 литри ракија, ако е послабо грозјето, послабо излегува и ракија.
Која е тајната за добра ракија?
– Добар мајстор и да не биде на брзање, значи ова се пече, не се вари. Осум часови е печењето на ракијата. Јас сум веќе 72 години, значи од 10 години мои варам ракија.“ – додава Пипереевски.

Владо додава дека со уптребата на казаницата не се создава ѓубре бидејќи остатокот оди во посебно буре.

Во сезона претходно се правеле и по 100 казани ракија, денеска бројката е двојно помала, но сепак и денеска има луѓе кои печат ракија во единствената, стара 180 години казаница на чичко Владо.

Лаура Стојанова М-Нет