Евтина струја преку ден и ден-денес немаат сите, броилата кај некои домаќинства уште неприлагодени

Граѓаните уште и не ја добиле евтината струја, а во медиумите веќе излегоа наслови дека неа ќе ја има до 1 јули, потоа не се знае. Прилагодувањето на броилата се врши уште од 1 декември, уверуваа надлежните, но на терен дел од штипјани тврдат дека евтина струја сѐ уште не користат. Има и такви кои веќе ја добиле оваа услуга. Тие, пак, се согласни дека евтината струја во периодот од 13 до 15 часот треба да им биде достапна и по 1 јули.

Министерот за економија, Крешник Бектеши, вели дека пари за најголемиот производител на електрична енергија, ЕСМ, ќе има до средината на годинава, кога на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум му истекува лиценцата. Со ова цената на струјата засега би требало да се држи на ова ниво, а Бектеши оптимистично вели дека зголемување не треба да очекуваме и по 1 јули. Тој ги повика граѓаните кои сметаат дека неоправдано добиле повисоки сметки за струја за јануари да се жалат во Регулаторната комисија за енергетика.

„Енергетската криза во нашата држава, согласно со податоците кои ние ги добиваме и енергетските компании, но и тоа што е сработено во минатото е целосно стабилизирано. Ние како Министерство за економија и како Влада не сме објавиле дека има енергетска криза во нашата држава, што значи дека редовно се одвиваат сите заложби што ги имаат енергетските компании и другите вклучени, затоа не очекуваме зголемување и од 1 јули имајќи ги во предвид параметрите што ги имаме во моментов“, вели Бектеши.

Дневната евтина тарифа на струјата од 13 до 15 часот се воведе на 1 декември минатата година, но само за 70.000 домаќинства кои имаат дигитални броила. Надлежните уверуваа дека останатите 650.000 ќе ја добијат во текот на декември, зашто нивните струјомери треба рачно да се прилагодат. Ознаката Т2 на екранот на броилото значи дека има дневна евтина тарифа.

Ребека Спасова М-Нет