
Инфекциите со коронавирусот двојно ги зголемија интервенциите на одделот за кардиологија во Клиничка болница Штип. Интервентниот кардиолог, д-р Сашко Николов, вели дека праксата покажува зголемен број на пациенти кои доаѓаат со различни заболувања, но пред сѐ такви кои имаат тромбоза. Особено загрижувачки е фактот што ова е уште поактуелно кај помладата популација и луѓето на средна возраст.
„Ако пред пандемијата имавме еден или двајца млади пациенти, сега имаме пет – шест пациенти кои во последните три месеца дојдоа со акутна тромбоза на нозете. Тоа е веќе загрижувачки податок. Ние имаме сѐ повеќе млади пациенти, таа млада – средна група, особено машката популација, коишто заболуваат што заради ковидот, што заради средината. Самата ковид – инфекција претставуваше стрес во потсвеста на луѓето“, истакна д-р Николов.
Пулмонални и акутни инфаркти, хипертензија, воспалување на крвните садови се само дел од пост-ковид компликациите, со кои кардиолозите во штипската болница се соочуваат сѐ почесто периодов. Кога ќе се излечи вирусот, антигенот останува да врши воспаление на крвните садови, а тоа да предизвикува тромбоза, вели д-р Николов.
„Самата пандемија кога започна, ние имавме зголемен број инфаркти на белодробието. Ако пред пандемијата имавме 10 – 15 пулмонални инфаркти во текот на една година, сега имавме месечно по толку. Ако имавме коронарни инфаркти, 15 да беа акутни инфаркти, сега веќе се 30. Ако имавме по 20 – 30 прегледи, сега веќе имаме 50 – 60 амбулантски прегледи, каде што пациентите имаат пост-ковид компликации, хипертензија, воспаление на марамицата на срцето, воспалување на крвните садови, тромбоза на артериите на нозете, што е една страшна ситуација“, додава д-р Николов.
Целокупната ситуација во светот се наоѓа на едно високозагрижувачко ниво, заклучува д-р Николов, зашто иако бројките на заразени се намалуваат, сега почнуваме нова битка со пост-ковид компликациите. Поради ова, потребно е да се подигне свеста за превентивна заштита на нашето здравје за да не дојде до лекување, што е задоцнет дел од здравствениот систем.
Ребека Спасова М-Нет