
Во изобилството овошки кои може да се најдат по тезгите на штипскиот пазар денеска главниот акцент беше ставен на дуњата. Како производ дуњата содржи многу витамини, а во народната медицина се користи со децении. Пред сè, се користи за ублажување кашлица и смирување стомачни тегоби. Самиот плод е лековит, но и семките и листовите. Дуњата може да се јаде свежа, но може да се прават сокови, компоти и сирупи, кои се еднакво моќни за решавање многу здравствени проблеми. Се ова како придобивки е веќе познато за штипјани и токму затоа побарувачката денеска беше солидна.
„Одма да кажеме дека пред една недела излезе дуњата по тезгите и има доволно. Побарувачката е голема. За добра дуња потребно е добра почва, во лакавичко најмногу ја има ама има ја и во Суитлакот. Добра е за здравјето како чај дуњата се користе, покрај слаткото добра е и за чај.“- велат продавачите.
Пазарен ден пред Задушница, освен дуњата се бараа и останатите овошки кои според продавачите се со реални цени и достапни за џебот на граѓаните.
„Пазарот како и секој ден така и денеска, се бара и се купува само најосновното нема веќе луксуз. За Задушница најповеќе се бара мандарина, грозје, крушка,лимонче. “ – додаваат продавачите.
За купувачите пари за луксуз нема, ама најосновното мора да се купи велат. Скап и денешниот пазарен ден, иако цените се исти како и претходниот петок.
„Скап е за скап ама тоа што мора да се купи се купува.“ – велат купувачите.
Дуњата има многу лековити својства, а некои од нив се, на пример, подобро здравје на срцето, спречување на запек и забрзано зараснување на раните.
Меѓутоа, освен плодот на дуњата, исклучително здрави се и неговите семки.
Лаура Стојанова М-Нет