
Летниот трансфер период за домашни играчи во македонската одбојка официјално заврши на 31 август, а според барањата за трансфери кои пристигнаа до Одбојкарската федерација на Македонија има голем број на барања кај дамите во однос кај мажите.
Дури 102 барања за трансфери се доставени кај жените, а кај мажите само 24 барања за трансфери.
Има неколку трансфери кои ќе ги направат репрезентативките на Македонија, па така од редовите на шампионот Работнички Скопје желба да заминат имаат три одбојкарки – техничарот Јана Балов, која побара да премине во Младост УГД од Штип, либерото Фросина Трајковска која сака да го засили Пелистер Волеј, како и една од најискусните одбојкарки Антонија Баталаковска, која треба да го засили ЖОК Вардар ЕМ.
Капитенот на женскиот национален тим, Емилија Попјордановска бара „преселба“ во ЖОК Вардар ЕМ, додека на нејзино место во Газели Волеј треба да дојде репрезентативната колешка, Надица Антевска, која претходно го носеше дресот на Јанта Волеј КВ. Работнички Скопје сака да се засили со Бојана Мороевиќ од Јанта Волеј КВ.
Новиот прволигаш Фламинго Волеј исто така активно работи на формирање на конкурентен ростери, а активности има и кај второлигашите со реализација на трансфери.
Кај мажите, најзвучен трансфер е враќањето на Александар Љафтов во македонскиот шампионат, тој ќе настапува во редовите на шампионот Штип УГД. Уште еден репрезентативец Филип Маџунков е повратник во македонскиот шампионат, тој се враќа матичната Струмица.
Екипите во женска конкуренција се засилуваат сериозно и тоа ветува неизвесна сезона во трката за титулата, а пак кај мажите без сериозни промени ќе има сезона во која Штип УГД ќе ја брани двојната круна, откако тимот од градот под Исарот го сочува костурот на тимот и дополнително го засили.
Александар Ванев, М-Нет