
Државата се мобилизира за помош на Кристијан Коцев од карбинското село Долни Балван. Неговата здравствена состојба се влоши викендов, по што беше примен во приватната болница Систина. Лекарите работат на стабилизација на неговата состојба со цел Кико да биде испратен на лекување во Турција. Докторите засега одбиваат да потпишат трансфер со медицински авион, бидејќи сметаат дека нема да го издржи патот. Од утринава има информации дека тој се чувствува подобро за разлика од пред два дена.
Во претходните три дена правни субјекти, физички лица, хуманитарни здруженија и други донираа средства за Кико преку телефонските броеви или трансакциската сметка. Денеска и Општина Карбинци ќе одржи вонредна седница со единствена точка за помош на нивниот сограѓанин.
„Денес ќе одржиме вонредна седница со единствена точка на Дневен ред, а тоа е да помогнеме финансиски во однос на овој случај со нашиот сограѓанин Кико. Се работи за проблем каде ние мораме да помогнеме, воедно и апелирам до секој наш сограѓанин, до секој поединец, во рамките на своите можности да даде придонес. Ние денес заедно со Советот на Општината ќе дискутираме на ова прашање, ќе дадеме предлог и се надеваме дека ќе донесеме одлука за поголема сума на финансиски средства со коишто ќе помогнеме“, вели градоначалникот, Виктор Паунов.
Првичната потребна сума за Кико беше 50.000 евра, но со оглед на компликациите се зголеми на 70.000 евра. Досега, за само три дена, собрани се околу 40.000 евра. Апелот до сите хумани граѓани е да донира кој колку може.
Ребека Спасова М-Нет