До 1 октомври пензионерите ќе бидат снабдени со дрва, прекинот со доставата се решава

До 1 октомври сите пензионери ќе бидат снабдени со дрва, прекинот со доставата се решава, ова е ветувањето што го даде Ристе Нетков, претседател на Здружението на пензионери во Штип, по неколкунеделниот прекин во доставата на дрва. Според неговите зборови, иако последниот период беше во застој, ситуацијата сега се стабилизира и доставата е повторно во тек. Пензионерите во Штип, кои со месеци чекаат на своите огревни дрва, не криеја загриженост, особено со доаѓањето на есента. Нетков потврди дека снабдувањето било одложено поради неочекуваните проблеми со пожарите, но сега процесот се одвива со многу поголем интензитет.

,,Оваа година нашите пензионери се снабдуваат со огревни дрва преку нашето здружение. Досега динамиката на снабдување е одилчна со тоа што во последниот период има мал застој во снабдувањето со дабови огревни дрва, меѓутоа веќе од вчера состојбата се подобри и се надеваме дека до први октомври сите наши членови ќе бидат снабдени со количините потребни на огревни дрва. Па состојбите се општо познати тоа е настанатите пожари, кои беа во текот на летниот период, кои малку повеќе ги развлекоа снабдувањата со огревните дрва, меѓутоа и самите дистрибутери наидуваа на проблем, бидејќи имаат нерасчистени патишта за да дојдат до огревните дрва. Состојбата се стабилизира, а од вчера повторно се носат количините на дрва до пензионерите.“, истакна Нетков

Под цена од 4100 денари за букови огревни дрва и 4300 за дабови огревни дрва, се продаваат дрватаа оваа година, додаде Нетков. Рече дека од оваа година пензинерите истите ги плаќаат од 8 до 10 рати во текот на годината.

Ако најавите од здружението се исполнат, до 1 октомври сите пензионери во Штип ќе имаат дрва за претстојната грејна сезона. Доставата, која беше во застој поради пожари и непристапни терени, веќе е рестартирана и се одвива со зголемен интензитет.

Иван Митев, М-Нет