До кога јавните претпријатија ќе ги водат в.д. директори без решенија, што вели Законот, а што праксата?

В.д. директор како трајно решение или времена должност? Ќе добијат ли вршителите на должност директори решенија за директор на јавните претпријатија, училиштата и општинските установи? Новата локална власт во Штип изврши промена на повеќето директори, при што секој од нив доби функција в.д. директор. Законот за јавни претпријатија вели дека функцијата в.д. директор може да се врши шест месеца, но бројни директори и со години се на оваа функција. Во Штип први вршители на должност добија токму јавните претпријатија, каде истите функцијата ја вршат веќе седми месец. Дали и кога в.д. директорите ќе добијат решенија го прашавме првиот човек на Општина Штип, градоначалникот Иван Јорданов.

„Принципиелно, сите функционери на локално ниво добија должност да бидат вршители на таа должност. Најпрво за да се докажат, да покажат што знаат и умеат и, нормално, во текот на наредниот период ќе се изготвуваат решенијата, односно кога ќе се распише оглас за директори на локалните институции. Тогаш најглавен критериум ќе има тоа што се покажале во изминатиов период како ги обавувале своите работни задачи. Тоа ќе биде главен критериум заради кои ќе се назначат директори со решенија“, истакна Јорданов.

Дека ова е сѐ поактуелен проблем алармираа уште пред неколку години од Антикорупциска комисија. Според нив, именувањето на оваа функција не се користи за да се надмине некоја временска состојба, туку се користи како да е редовен начин за поставување директор. Назначувањето вршители на должоста без почитување на Законот кој предвидува избор по пат на конкурс и обезбедување фер конкуренција овозможува високо политичко влијание наместо поставување квалитетен кадар. Во однос на ова, Јорданов вели дека конкурс ќе се распише во следниот период.

„Во текот на наредниот период. Сѐ уште немаме прецизирано временски период, но се надевам дека во наредниот период сето она коешто го имаме испланирано, ќе биде проследено со јавноста“, додаде Јорданов.

Останатите институции во општина Штип кои се под надлежност на локалната самоуправа сѐ уште имаат в.д. директори кои на својата времена функција се од два до четири месеца. Според Јорданов, истите ќе имаат можност да се докажат во следниот период сѐ до објавувањето на јавните конкурси.

Ребека Спасова М-Нет