Нов спортски терен доби и населба „Железничка“ во Штип

И населба Железничка во Штип доби ново спортско игралиште, од типот игралишта со нови подлоги, осветлување, спортски и детски реквизити. Спортскиот терен денеска го отвори градоначалникот Иван Јорданов, кој истакна дека од сега теренот ќе биде во функција на жителите.

Денес сме во наслеба Железничка на отворање на спортско игралиште во вредност од 1.500.000 денари, кое опфаќа тартан специјализирана подлога, целосно осветлување со рефлектори, нови голови, кошеви. Едно убаво катче, коешто во наредниот период ќе го користат жителите на населбата Железничка. Oва е по барање на жителите на населбата, затоа што подалечните населби имаат потреба од вакви содржини, коишто ние како локална самоуправа од населба во населба треба да ги реализираме. Најавувам дека во сите населби, а вклучувајќи ги и подалечните приградски населби во Штип ќе имаат вакви детски игралишта“ – вели Јорданов.

Жителите од населба Железничка задоволни од направеното, велат спорскиот терен има огромно значење за нив.

Истовремено, на барање на граѓаните од оваа населба, Јорданов истакна дека ќе се реши и проблемот со канализацијата и во наредните неколку месеци ќе се постави нова.

„Со оглед на тоа дека најгорчлив и најголем проблем на оваа населба е канализацијата која долги години наназад е ветувана, сакам да најавм дека во наредните неколку месеци ќе се распише тендер за поставување на канализацијата во населба Железничка“ – додаде Јорданов.

Претходно спортски терени со нови подлоги, осветлување, спортски и детски реквизити добија и штипско Ново Село и населба Баби.

Лаура Стојанова М-Нет