
Несовесноста на граѓаните руши рекорди. Се уништуваат паркови и зеленило, се фрлаат отпадоци на необележани места и покрај ставените корпи за отпадоци, се уништуваат детски и спортски игралишта. Таков е примерот со тениското игралиште „Астибо“ – Штип, кое повеќе пати се наоѓа во немилосрдната рака на граѓаните и останува уништено. Добивме и писмено соопштение.
„Имено деновиве како и во континуитет на целата измината година кога светот и ние се справуваме со Ковид 19, некои несовесни граѓани непочитувајќи мерки во неколку наврати сториле вандалски работи на тениските терени. Сторена е поголема штета со кражби на тениски стол, канта за отпадоци, тениски клупа, како и оштетени беа таблата за електрична струја (рефлектори), искинати беа оградни мрежи на самите терени и мрежата околу терените, уништено беше дел паркчето со зеленило. Во самите тениски терени фрлани се поголеми камења со кои се направени големи дупки и оштетувања на тениската подлога, фрлани се разни дрва, искршени шишиња, керамиди, изгорени гуми и пластични столови. Исто така, наспроти тенискиот центар „Елкос“ во паркот постојано се шетаат домашни миленици и се вршат нужди.
Се прашуваме кој и зошто прави вакви вандалски работи против спортот. Ваквите работи се пријавувани неколку пати до надлежните институции, но повторно постојано се прават штети кои паѓаат на товар на клубот.“ – стоеше во соопштението.
Клубот со ова соопштение излезе до јавноста со надеж дека надлежните институции ќе се заинтересираат во иднина и ќе ги спречат овие вандалисти, а истовремено ќе проработи и свеста кај граѓаните дека спортските терени треба да се чуваат и одржуваат .
Лаура Стојанова М-Нет