Дојде денот „Д“: Вардар за опстанок во елитата, Детонит Плачковица за историја

Денес ќе се комплетира сезоната во Првата и Втората македонска фудбалска лига, денес на стадионот „Блгој Истатов“ во Струмица, ќе се одигра баражот за пополнување на последното место во фудбалската елита на Македонија.

Бараж меч меѓу најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар против хитот во Втората лига екипата на Детонит Плачковица од Радовиш.

Вардар како повратник во Првата лига преку бараж ќе го бара опстанокот, најавена е масовна „окупација“ на стадионот и на Струмица од страна на верните „Комити“ кои во живот го држат Вардар, во однос на радовишани кои на 30 километри од нивниот град ќе допатуваат во Струмица, да го бодрат нивниот миленик кој веќе испиша историја откако заврши на високото трето место Во втората лига и ќе игра бараж за историско прво учество во Првата лига.

Детонит Плачковица одигра одлична сезона, лани беше на 5. место, оваа сезона на третото место, ваков резултат радовишкиот фудбал историски никогаш немаш. Во минатото Плачковица се мачеше во Трета лига, потоа секоја година се бореше за опстанок во Втората лига – Исток, а откако се „роди“ Детонит, во Радовиш се играа и Градски дерби натпревари, за да откако Плачковица испадна од Втора лига – Исток, а Детонит влезе во Втората лига, по една сезона се случи и фузијата и се „роди“ Детонит Плачковица.

Тоа се покажа како полн погодок, лани двете фузирани екипи беа на тоа 5. место, а сега на третото место.

Вардар е голем предизвик за радовишани, Вардар има искуство, има поголем квалитет, има далеку поискусни фудбалери, странци со голем потенцијал, во однос на Детонит Плачковица кои има млади играчи, надополнети со некои поискусни и поранешни фудбалери на Вардар.

Но, токму тие млади фудбалери на Детонит Плачковица покажаа и докажаа дека сакаат да играат фудбал, дека сакаат да направат историја и дека нивната цел е успех. Кај дел од овие играчи веќе пристигнаа прволигашки понуди, за кои повеќе од јасно е дека Детонит Плачковица тешко ќе може да ги задржи за следната сезона, вклучително и самиот тренер Иван Варадиновски, кој веќе е опција за многу други клубови.

Вардар предводен од искусниот стратег Горазд Михајов од дното на табелата благодарение на верните „Комити“ дојде до баражот, а сега уште 90 минути го делат Вардар до опстанок во елитата.

Иван Варадиновски е млад штипски стратег, кој во овие две години предизвика голем интерес во македонскиот фудбал со неговите резултати. 11 од 11 на домашен терен, триумфирајќи без примен гол, од 30 натпревари на 20 имаше чиста мрежа, и само еден пораз во неговиот „мандат“ како тренер во радовишкиот второлигаш на домашен терен, минатата сезона од веќе новиот прволигаш Беса.

Искусниот најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар против најголемото изненадување во македонскиот фудбал во овие две сезони Детонит Плачковица. Најавена е пеколна атмосфера на стадионот „Благој Истатов“, а екипата на телевизија М Нет ќе ви ја долови атмосферата од Струмица.

Последни, финални, бараж 90 минути, кој да биде прволигаш, а кој второлигаш. Детонит Плачковица го предизвикува Вардар.

Главен судија ќе биде искусниот Јован Качевски од Струга, негов прв помошник Слаѓан Маркоски од Гостивар, втор помошен судија Даниел Василески од Скопје.

За четврт судија е делегиран Александар Урошевиќ од Тетово. Делегат на мечот ќе биде Антонио Насевски од Кратово, а пак контролор ќе биде Благој Шуклев од Стојаково. Комесар за безбедност на ФФМ е Зоран Саздов од Скопје.

Натпреварот се игра денес, со почеток од 17 часот.

Александар Ванев, М-Нет