Донации за над 100 семејства во Делчево од Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ

Над 100 погодени семејства од невремето во Делчево ќе добијат донации од хуманитарната акција на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ во Штип, како и униите низ цела Македонија. Во Штип собрана е поголема количина храна и средства за хигиена, кои беа сортирани и класифицирани.

„Временската непогода која пред неколкудена го зафати Делчево, предизвика материјална штета, оштетување на патната инфраструктура и голем број погодени семејства. Со цел да се помогне на семејствата, Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ организира хуманитарни акции низ цела Македонија. Токму со таа цел е и денешната акција во Штип, каде Унијата на жени заедно со Општинскиот комитет, ја спроведува акцијата и собравме значителна количина на средства за хигиена, дезинфекција и конзервирана храна“, истакна Христина Серафимовска, претседателка на Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ – Штип.

Собраните донации од Штип и регионот денеска координирано ќе бидат транспортирани во Делчево и доставени до семејствата.

„Во текот на денот ќе имаме регионална координација, да се организира превоз и средставата да бидат доставени до најпогодените семејства. Сакаме да потенцираме дека за ВМРО-ДПМНЕ воопшто не е важно кој ја практицира локалната самоуправа, граѓаните заслужуваат еднаков третман и ние сме секогаш тука кога можеме да помогнеме“, додава Серафимовска.

Претходно, неколку од општините најавија и донација со парични средства со цел помош на Општината и најпогодените семејства во невремето.

Ребека Спасова М-Нет