Доживотен затвор бара семејството на Емилија за убиецот, судењето започна денеска

Започна судењето на Фадил Зејнелов кој на 1 номеври минатата година ја уби Емилија Пешева од Штип. Во штипскиот Основен Суд, Зејнелов го призна делото, односно призна дека свесно ја убил Емилија, како што кажа заради неверство. Во Судот беа презентирани сите докази за стореното убиство. Фадил и Емилија се сретнале во напуштен објект на ЈП Исар, место каде што се сретнувале и претходно, за да разговараат. Но, откако разговорот преминал во расправа, Фадил со тупаница ја удрил Емилија, која паднала, а потоа почнал да ја дави. Откако бил сигурен дека не дава знаци на живот го напуштил местото и се пријавил во полиција. Семејството на убиената Емилија бара доживотен затвор за убиецот.

Најстрога казна, немаме смртна, ама доживотна да му се изрече. Тој е монструм, ладнокрвен. Едно маче, едно куче денеска не можеш да го утепаш, тој уби човек.“ – вели Пешев.

„Сакам он доживотно да биде осуден, кога ќе излезе ќерка ми од гробот, тогаш и тој да излезе од затвор.“ – вели мајката на Емилија.

Во текот на расправата Фадил беше поучен од страна на Судот за правата кој ги има и последиците кои следуваат. Знаејќи го тоа тој го призна делото, додавајќи дека се кае. Каква ќе биде пресудата на Судот ќе се знае во среда во 13 часот.

„Ние како полномошници на оштетените единствено што побаравме е максималната казна доживотен затвор“ – вели Чолаков.

Емилија Пешева и претходно трпела семејсно насилство од страна на Фадил и многу пати било пријавувано во полиција. Фадил пак бил 10 години во затвор, осудуван за тешка кражба, за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги и психотропни супстанци, дело кое го направил во затвoрот.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет