Добра музика, забава и дружба очекуваат граѓаните и од годинашното издание на „Макфест“ во Штип

Макфест и годинава се очекува да донесе добра музика, дружење и повеќе гости во Штип. Граѓаните велат дека убаво е што во градот има вакви настани, бидејќи се случува нешто повеќе и градот е пожив. Дел од нив планираат да одат на фестивалот и да го следат во живо, додека други ќе го гледаат пред малите екрани. Велат дека убаво е што традицијата продолжува по 41. пат, а очекувањата се за добра музика и убаво поминати фестивалски вечери.

Штипјани велат дека „Макфест“ и порано бил голем настан за градот, а така го доживуваат и денес. Во разговорите со граѓаните на терен слушнавме дека фестивалот има долга традиција и дека е убаво што и по толку години продолжува да носи музика и гости во Штип.

Со 27 изведувачи и исто толку нови забавни песни, викендов на 30 и 31 октомври во Штип ќе се одржи 41. издание на фестивалот Макфест. Подготовките се во завршна фаза. Градоначалникот Иван Јорданов порача дека Општина ќе се потруди и оваа година да биде добар домаќин, затоа што фестивалот е важен дел од традицијата на негување на македонската забавна музика и култура. Уметничкиот директор Роберт Саздов уште пред неколку дена најави разновидна музичка програма.

Иван Митев, М-Нет