Дијабетесот се почесто присутен кај младите, нездравата храна и ретката физичка активност дел од причините

Се намалува возрасната граница на лица кои имаат дијабетес тип 2. Се почесто дијабетесот се појавува кај помладата популација, а петпати голем ризик да се појави имаат лицата со метаболен синдром. Најчести причини за ваквата ситуација е консумирањето на нездрава храна, како и слабата физичка активност.

„За жал дијабетот, притоа мислам на дијабетес тип 2 се почесто се среќава кај помладата популација, а токму метаболниот синдром е оној причинител којшто води до дијабетес. Имено лицата кои имаат метаболен синдром имаат петпати поголем ризик за развој на дијабетес тип 2. Причината за поместување на возрасната граница и се поголем број на помлади лица со дијабетес 2 ја гледам во современиот начин на живеење кој опфаќа се почесто консумирање на ултрапроцесирана храна која е богата со прости шеќери и нездрави транс масти и се поретката физичка активност“ – вели Велковска Накова.

Дополнителен „проблем“ преставува и лекувањето со помош на вештачката интелигенција. Лекарите велат дека овие совети можеби се добри, но препорачуваат да се следат советите од стручни лица односно од доктори. Велковска Накова апелира да се посетува редовно матичен лекар и да се прават контроли со цел навремено да се спречи појавата на дијабетес тип 2 кај помладата популација.

„Вештачката интелигенција може многу да помогне ако правилно се користи, но секако дека советот од лекарот е она на што треба да му се даде предност. Затоа мојот апел е да се посетува матичниот лекар каде лесно би можело да се дијагностицира метаболниот синдром.“ – вели Велковска Накова.

Исто така се препорачува консумирање на здрава храна, како и повеќе физичка активност.

Лаура Стојанова-Ќирчов, М-Нет