
Препирките во штипскиот театар не стивнуваат. Откако целата фама се прошири пред два дена и стигна до полициска станица, изјава дадоа и директорот на институцијата, Горан Трајков, и актерот Владимир Тулиев, во телефонски разговор за М Нет. Денес, во врска со прилогот Трајков достави писмена реакција до нашата редакција, а потоа и побара извинување од актерот Тулиев.
„Прво би сакал да ги демантирам овие изнесени клевети до јавноста како целосно невистинити, затоа што нашата институција работи во остварување на националниот интерес и сме строго во служба на граѓаните. За она што сакам да го демантирам актерот Владимир Тулиев, кој постојано овие неколку месеци изјавува грди невистини и клевети кон институцијата и го нарушува имиџот на институцијата, ги приложувам репертоарот за месец септември, кој е изработен на 12 јули. Би сакал да ви го претставам и репертоарот за месец октомври, кој е изработен на 28 септември. Сето она што е изнесено од негова страна ќе го сметаме за клевета и барам јавно извинување пред целата штипска јавност. Доколку не се извини во овој обем, ќе поднесам тужба за клевата и средствата добиени од оваа тужба ќе ги донирам во Домот за деца без родители во Штип“, реагираше директорот.
Трајков ги достави репертоарите за изминативе седум месеца. Напомена дека само за месец септември на реперторот се наоѓаат четири претстави во кои игра актерот Владимир Тулиев, а кои имале барем по две претставувања.
Одговор на ова побаравме и од актерот Тулиев, кој рече дека сега нема намера да ја коментира реакцијата на директорот. Дополни дека како актерски ансамбл ќе преземат посериозни активности со кои ќе се спротистават на обвинувањата.
Ребека Спасова МНет