
Нема поставување блокатори без претходна опомена. За ова како новина информираше в.д. директорот на ЈП „Стипион“, Игор Ефтимов. Тој истакна дека за несоодветно паркирање и неплатен паркинг, нема веднаш да реагираат со поставување блокатор како што беше досегашната практика, туку прво ќе има опомена и временски рок во кој ќе може да се исправат неправилностите.
„Секое возило за коешто нема да има платено паркинг или ќе биде неправилно паркирано, ќе добие опомена, која ќе биде ставена на самото возило. Ќе биде евидентирано во кој час е ставена опомената и ќе има рок од 15 минути за санирање на недостатоците кои биле откриени. За тие 15 минути доколку биде платен паркингот или возилото се дислоцира, нема да биде блокирано. Во спротивно, по истекување на 15 минути, тоа возило соодветно ќе биде блокирано“, информираше Ефтимов.
Ефтимов додаде дека во врска со тековните активности јавноста ќе биде информирана преку новокреираната фејсбук страна на претпријатието. Исто така, граѓаните таму може да реагираат и за проблеми со кои се соочуваат.
„Отворена е нова фејсбук – страна на јавното претпријатие со име „Јп Стипион 2011“. На оваа фејсбук – страница на дневна основа ќе бидат информирани граѓаните за сите активности коишто ЈП „Стипион“ ги презема тој ден. Покрај ова, дополнително и граѓаните на Општина Штип преку приватна порака на оваа фејсбук – страница може да ги пријавуваат нивните проблеми, односно проблемите со коишто се соочуваат и коишто се во надлежност на јавното претпријатие. Откога беше отворена страницата досега има пријавено два проблема, коишто соодветно беа евидентирани и екипите во најкраток можен рок ќе ги санираат“, потенцираше Ефтимов.
Фејсбук – страната е со цел јавното претпријатие да покаже транспарентност, која беше ветена од в.д. директорот од моментот на стапување на оваа функција.
Ребека Спасова МНет