Димитровски: Ние градиме генерации на база на култура, каква е културата, таква ќе ни е генерацијата

Изложбата на Томислав Димитровски – Томас денеска ја заокружува својата приказна во штипскиот Дом на култура, каде беше изложена изминатава недела. „Во името на убавината“, како што и впрочем е насловена самата изложба, Димитровски го слика својот порив на уникатен начин. За себе вели дека не е дипломиран ликовен уметник, туку како моден дизајнер е поттикнат секогаш да ја бара креативната и уникатната страна на убавото.

„Ковидот е едно време коешто ни ја смени комплетно целата филозофија во животот и јас бев дел од таа приказна и имав еден проблем. Ми се јавуваше постојано една слика којашто беше неминовно да ја нацртам, тоа е мое видување на јин и јанг, знакот за тоа дека во секое добро има нешто лошо и во секое лошо има нешто добро. Во суштина во ова мое мало царство коешто го имам, го пронајдов својот спокој којшто е решение помеѓу мирот и немирот. Претходно занимавајќи се со креативната страна од приказната како моден дизајнер, морав да измислам нешто ново, сега и мојата изложба е таква, не се вртам во четири агла, туку излегувам од форматот“, вели Димитровски.

Димитровски не е на страната на електронските фотографии од уметничките дела или, пак, нивното претставување на социјалните мрежи. Вели дека е многу важно оние кои сакаат да имаат уметничка слика кај себе, да го имаат оригиналот, бидејќи авторскиот печат не може да се види на копија или електронски формат. Сепак, смета Димитровски, уметноста и културата воопшто сѐ повеќе се занемаруваат.

„Уметноста малку, можеби, сега ќе бидам малку критички настроен, се занемарува. Не само уметноста, туку и културата воопшто. Ние градиме генерации на база на култура и ако не ја испочитуваме културата, таква ќе ни биде и генерацијата. Малку ни е запоставена, не само ликовната, туку и музичката, балетската, пишаниот збор, која било култура. Немаме критичка маса ние, дури и критиката е добра за нешто да се оцени, подобри“, додава Димитровски.

Ова е трета самостојна изложба на Димитровски, по првата во штипскиот Безистен и втората во Кочани. Негова следна желба е да се пробие пред скопската публика, со цел да го прошири дејствувањето на полето на уметноста. Меѓутоа, вели Димитровски, модниот дизајн остаува негов примат, а ликовната уметност е исполнување на поривот во него.

Ребека Спасова М-Нет